Американскиот кошаркар Ражон Рондо наводно вперил пиштол во мајката на своите деца и сакал да ја убие, пишуваат тамошните медиуми.
Ражон Рондо е познат НБА кошаркар кој освои шампионски титули со Бостон Селтикс и Лос Анџелес Лејкерс и важи за многу интелигентен плејмејкер.
Според американските медиуми, Ражон Рондо наводно и се заканил на поранешната сопруга Ешли Бечелор и по жестока расправија извадил пиштол сакајќи да ја убие.
Ешли го пријавила случајот во полиција и побарала заштита од полицијата, а полицијата истиот ден и го одобрила барањето.
Според ESPN, Ражон играл видеоигри со својот син кога Ешли го замолила да ги остави игрите и да ја намести испраната облека, по што Рондо ја фрлил конзолата во ѕидот и видно ги вознемирил поранешната сопруга и децата.
Расправијата продолжила меѓу Ражон и Ешли, а кошаркарот на Кливленд Кавалирс непосредно пред да излезе од дома извадил пиштол и го вперил кон поранешната сопруга со молба да ги донесе децата од собата за да се поздрави со нив, во спротивно ќе ја убие.
Во текстот се наведува дека Рондо цело време имал пиштол во рацете и дека тоа прилично ги исплашило неговите деца. Полицијата набрзо пристигнала на повикот на Ешли, која потоа се заклучила во куќата за да се заштити себе си и децата.
Познатата НБА новинарка Малика Ендрјус изјави дека лигата е запознаена со инцидентот кој се случил и дека моментално се во фаза на собирање докази, како и дека во овој момент не е поднесена кривична пријава против Ражон Рондо.