Шпанска Барселона без многу мака стигна до третата сезонска победа, па рутински со два гола во првите 15 минути го реши Леванте (3-0), за кој не играше македонскиот репрезентативец Енис Барди кој сѐ уште е повреден во седмото коло во Ла Лига, во мечот на кој младата ѕвезда Ансу Фати се врати на теренот и даде гол.

Гостите од Валенсија не се ни привикнаа на треенот на „Камп Ноу“, а Барса веќе исчекори кон победата со два гола откако Мемфис Депај од пенал во шестата и Лук де Јонг во 14-та ја погодија мрежата, па сѐ потоа само рутински Каталонците го одработеа мечот за да запишат победа и со 12 бода на контото од шест меча да стигнат до петтото место на табелата.

Во Барселона имаше двојна причина за радост, зашто победата беше зачинета и со враќањето после неколку месечна пауза на еден од своите најголеми таленти Ансу Фати, кој влезе во игра во последните девет минути од мечот, па неговиот кам-бек е добредојден за Роналд Куман зашто добива дополнителен адут за нападот. Да е кам-бекот уште подобар, Фати во 90-та минута даде гол за да најави дека брзо ќе биде еден од клучните фудбалери во новиот каталонски тим.

https://twitter.com/leomessidepre/status/1442158538617278467?s=20

За Леванте ова е трет пораз сезонава, а тимот на нашиот Барди сѐ уште нема победа во сезонава и со само четири бода на контото е прв над опасната зона, на 17-та позиција.