Кошаркарите на Реал Мадрид се пласираа во финалето на Евролигата откако во „Штарк арената“ ја совладаа Барселона со 83:86 (19:19, 26:15, 11:26, 27:26).
Не помалку возбудлив и интересен беше и вториот полуфинален натпревар на фајнал-форот. Двете шпански екипи по шести пат сезонава ги вкрстија копјата, а Реал по пет последователни победи на Барса победи во веројатно најважниот натпревар и конечно го реши кошмарот за финале во Белград!
Гершон Јабуселе беше водечка ѕвезда на Реал Мадрид на почетокот на овој натпревар, постигнувајќи ги осумте први поени за својот тим. Играта беше брза, што повеќе му одговараше на Реал, кој подобро се снајде. Јабуселе постојано бараше топка и одговорност.
Сепак, Барселона фати ритам и успеа да поведе кон крајот на првата четвртина. Првите поени ги постигна и Никола Миротиќ, кои го кренаа на нозе поголемиот дел од салата. Навивачите на Олимпијакос, кои во голема мера ја исполнија „Арената“, останаа на своите места за да го следат второто полуфинале, но беа нешто послабо расположени. Во еден момент се разбудија и ја кренаа заспаната сала на нозе. На кратката пауза се замина со реми (19:19).
Никола Миротиќ го најде вистинскиот ритам, одлично работеше на двата краја на паркетот, а на неговите крила каталонскиот тим стигна до првото позабележително водство (43:33). Јабуселе застана, а ниту еден од соиграчите не продолжи во слично темпо, па Реал се соочи со проблем. Не можеа да се потпрат на шут однадвор, за разлика од Барса која помалку се обидуваше, но беше значително поуспешна во проценти и самодовербата им беше на високо ниво.
Реал успеа да ја подобри одбраната и благодарение на тоа дојдоа до два поседа заостанување, а кога Гершон Јабуселе повторно влезе во ритам, натпреварот се врати во егал. Избраниците на Пабло Ласо ја презедоа контролата над скокот и во последните пет минути од натпреварот имаа предност која им гарантираше можност уште еднаш да се борат за да го подигнат трофејот во Евролигата во Белград.
Но и Барселона се прашуваше нешто. Николас Лапровитола предизвика паника во редовите на противниците со две врзани тројки, а МВП-то Никола Миротиќ не можеше да се воздржи и по 37 минути и 17 секунди беше нерешено – 75:75!
Веднаш по тајм-аутот, Фабиен Козер направи бум со мини-серија од 5:0 во рок од десет секунди. Сепак, следеше итен одговор на Барса преку Калатес и Дејвис за намалување на само еден поен разлика.
Еден посед разлика, последни секунди од натпреварот. Љуљ беше на пенал линијата на 5,3 секунди пред крајот. Откако го погоди првото, го промаши второто, но Реал направи офанзивен скок , а Барса загуби околу три секунди за да направи нов фаул. Јабуселе имаше два фрлања, второто го погоди и немаше време за Барса. Миротиќ се обиде да погоди од центар, но неуспешно за ново финале на Реал Мадрид.
Реал беше предводен од Гершон Јабуселе и Фабиен Козер, кои постигнаа по 18 поени, а одлична вечер имаше Никола Миротиќ со 26 поени, 12 скока и шест асистенции. Сепак, тоа не беше доволно да го однесе својот тим во финалето.
Како што е познато, Реал во сабота од 19 часот ќе игра во финалето со бранителот на трофејот Ефес, кој претходно денеска беше подобар од Олимпијакос .