Норвешкиот напаѓач Ерлинг Халанд (21) им подели десетици скапи часовници на соиграчите и персоналот на клубот како проштален подарок при неговото заминување од Борусија Дортмунд во Манчестер Сити. Германскиот весник „Билд“ објави дека младиот Норвежанец на секој од своите 33 соиграчи и член на стручниот штаб им подарил луксузен часовник вреден 15 илјади евра.
Халанд не ги заборави и останатите вработени во клубот како готвачи, физиотерапевти и лекари. Ги наградил со часовници во вредност од околу седум илјади евра по парче, објавија германските медиуми. Билд наведува дека прошталните подароци на Халанд чинат околу половина милион евра.
„Ми беше чест да го носам овој дрес. Имавме незаборавни моменти во Борусија Дортмунд, запознавме посебни луѓе, а да не зборуваме за навивачите кои отсекогаш биле дванаесетти играч на теренот. Жолтиот ѕид е навистина неверојатен.
Никогаш нема да ги заборавам овие работи. Ви благодарам на сите“, изјави Халанд. Норвешкиот напаѓач кариерата ќе ја продолжи во Манчестер Сити каде во следните пет години се очекува да заработува по 30 милиони евра по сезона.