За разлика од далеку помладите бугарски репрезентативци, како Филип Крастов кој пресамоуверено потенцираше дека Бугарија не треба да се плаши од земја како Македонија, а медиумите кај источниот сосед почнаа да ја креваат тензијата за пресметката која е национална чест за нив, Миланов сега посочува дека првиот меч со Македонија не е најважен, туку најважно е како ќе се одигра комплетната Лига на нации.
„Првиот меч со Македонија не е најважен. Најважно е ние да го покажеме нашето вистинско лице, а нѐ чека доста тежок распоред, зашто првпат ќе играме четири меча во краток период и затоа се повикани повеќе фудбалери. Се надевам дека ќе го издржиме овој напорен период зашто имавме напорна сезона, а треба да покажеме дека сме добар тим. И треба да сме свесни дека Македонија не е истата од пред две-три години, моментно пишуваат историја, ја победија Италија, ја победија Германија, играа на Европското првенство. И Македонците заслужуваат респект, но ништо повеќе од тоа. Ние треба да излеземе и да ги победиме“, вели Миланов.
Македонија после мечот во Разград ја чека гостување кај Гибралтар на 5 јуни, кога Бугарија ќе ја пречека Грузија, а потоа следат наши домашни мечеви со Грузијците на 9 јуни и Гибралтар на 12 јуни, во термини кога Бугарија ќе гостува кај Гибралтар односно Грузија.
Миланов е поранешен фудбалер на Литекс, ЦСКА Москва, Грасхоперс и МОЛ Фехевар, а од лани е член на Левски. За Бугарија има 42 настапи и два гола, а веќе 11 години е дел од националниот тим.