Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти изјави дека неговиот тим заслужено ја освоил Лигата на шампионите.
Тој потсети дека е рекордер, откако по четврти пат го освои трофејот на најелитното европско натпреварување.
Фудбалерите на Реал ја освоија 14. титулата Европски шампион, бидејќи го победија Ливерпул со 1-0 во финалето на Лигата на шампионите во Париз.
“Не можам да верувам. Имавме фантастична сезона. Се мачевме вечерва во првото полувреме, но на крајот заслуживме да го освоиме ова натпреварување. Не можам да верувам што направи вечерва Тибо Куртоа. Неверојатно”. изјави Анчелоти за БТ Спорт .
Ливерпул упати 24 удари кон голот, од кои девет во рамките на голот, а два од четирите обиди на Реал беа во рамките на голот. Стрелец на единствениот гол беше Винисиус Јуниор во 59. минута.
Анчелоти стана првиот тренер кој четири пати ја освоил Лигата на шампионите, двапати со Милан (2002/2003 и 2006/2007) и двапати со Реал (2013/2014) и (2021/2022).
“Јас сум рекордер. Имав среќа што дојдов во Реал минатата година и како и секогаш најдов фантастичен клуб со навистина добар тим, полн со квалитетни и ментално силни играчи. Оваа сезона беше врвна”, изјави Анчелоти, кој оваа сезона со Реал ја освои и шампионската титула во Примера.
Реал оваа сезона во нокаут фазата ги исфрли Пари Сен Жермен и минатогодишните финалисти Челзи и Манчестер Сити и секој пат мораше да „брка“ негатива.