Првиот светски рекет, Новак Ѓоковиќ рутински ја мина осминафиналната рунда на Ролан Гарос откако со 3-0 славеше против Диего Шварцман. Србинот не му дозволи премногу надеж на Аргентинецот, го надигра и победи без загубен сет и веќе го чека Рафаел Надал во четвртфиналето.
На теренот „Сузан Ленглен“, Ѓоковиќ отвори одлично со два брејка во првиот сет кој го доби со 6-1. Шварцман му одговори во продолжението, успеа да поведе со 0-3, меѓутоа тоа го разлути Новак кој одзеде три противнички сервиси и ги доби следните шест гема за 6-2 и двојна предност.
Во одлучувачкиот сет се влезе сигурно, Шварцман не дозволи прерано да биде отпишан, меѓутоа Ѓоковиќ искусно ја заврши својата задача и со еден брејк дојде до 6-3 и конечен триумф.
Србинот се пласираше меѓу осумте најдобри, а таму очекува да се судри со Рафаел Надал, секако ако Шпанецот не потфрли против Феликс Оже-Алијасим попладнево.