Холгер Руне го избори своето прво Грен слем четвртфинале на Ролан Гарос.
Младиот дански тенисер, 40. на АТП листата, го победи минатогодишниот финалист и четврти носител, Гркот Стефанос Циципас со 7:5, 3:6, 6:3, 6:4.
Така, за прв пат од 1967 година, Данска има еден тенисер меѓу осумте најдобри на еден Грен слем.
Мечот траеше точно три часа и Руне уште еднаш покажа дека е во одлична форма.
Не треба да се заборави дека тој го освои својот прв АТП турнир оваа пролет, на земјена подлога во Минхен и со тоа покажа дека мора да го сфаќаат сериозно.
Во почетниот сет Циципас прв стигна до брејк за 3:1, но Руне веднаш одговори со рибрејк.
Данецот спаси две брејк топки во осмиот гем, а потоа во 11. дојде до нов брејк и потоа сервираше за сет.
Циципас успеа да одговори во вториот сет, доволен му беше еден брејк, во осмиот гем, по што ја искористи првата сет топка во следниот гем и израмни.
Сепак, Руне повторно го подигна нивото на играта, гемовите беа брзи и кратки, а во шестиот гем 19-годишниот тенисер дојде до брејк, по што го доби сетот со 6:3.
Во четвртиот сет Циципас се одбрани во третиот гем, кога спаси три брејк топки, но не успеа во петтиот гем кога Руне ја искористи првата прилика, а потоа брзо дојде до 5:2.
Руне не успеа да дојде до поен во следните два гејма, Циципас врати еден брејк, но Данецот добро се снајде во десеттиот гем, спаси три брејк топки и дојде до 6:4 со што го заврши натпреварот.
Негов противник во четвртфиналето ќе биде осмиот носител, Норвежанецот Каспер Руд, кој беше подобар од Хуберт Хуркач со 6:2, 6:3, 3:6, 6:3.