Поранешниот дефанзивец на Челзи, Антонио Рудигер ги помина лекарските прегледи во Мадрид и официјално стана првото засилување на Рела во летниот преоден рок.
Германскиот репрезентативец мина пет сезони на „Стемфорд Бриџ“, ги освои сите можни трофеи, освен оној во Премиер лигата, но не сакаше да ја продолжи соработката со „сините“ и како слободен агент избра да се приклучи на европските шампиони.
29-годишниот фудбалер беше еден од клучните играчи во тимот на Томас Тухел. Рудигер со своето искуство и даде стабилност на одбраната на Челзи кој во 2021 година ја освои Лигата на шампионите.
Добро ќе дојде стопер со квалитетите на Рудигер на Реал Мадрид, особено што не мораше да плати обештетување за „елитниот“ дефанзивец. Рудигер би требало да биде првата опција на Карло Анчелоти за следната сезона во тандем со Едер Милитао.
Рудигер потпиша договор со Реал до 2026 година, а висината на неговите приходи се уште не е позната.
Наскоро во Мадрид би требало да пристигне уште еден нов фудбалер. Тоа е Французинот Орелиан Чуамени. Неговиот трансфер од Монако ќе го чини „кралскиот“ клуб околу 80 милиони евра.