Македонија комплетно ја надигра Бугарија, но не ја победи во Разград на отворањето на третата сезона во Лигата на нациите, па источниот сосед може да слави што освои бод против нашата селекција од единствената шанса и шут кој го имаше во натпреварот.
Мечот во Разград го одбележаа тоталната доминација на Македонија, бројните шанси, голот на Милан Ристовски, но и дебито на Доријан Бабунски, кој од ноември наваму постојано добива повик од селекторот Благоја Милевски, ама сега првпат доби и минути на терен.
Играше заедно со својот брат Давид, кој дебито го запиша уште во 2013 година како тинејџер, па после Бошко и Милко Ѓуровски, Горан и Роберт Попов и браќата Стефан и Милан Ристовски, во македонската селекција првпат заедно заиграа и браќата Бабунски.