Македонскиот кикбоксер Димитар Ѓорѓиев денес ќе ги одмери силите со Никола Дробњак за европската титула на ВАКО Про турнирот „Батл фор белт“ во Зворник, Босна и Херцеговина. Во пресрет на мечот, самиот Ѓорѓиев најави дека очекува триумф и славје против добриот познаник.
„Очекувам победа против мојот долгогодишен колега Никола Дробњак. Тој е искусен борец и мислам дека во финалето ќе имаме одлична борба за публиката, а тоа е најважно, да има квалитетен меч во кој победникот ќе го прогласат судиите.
Првиот пат загубив од него, но пред шест месеци го победив и сега доаѓа финалето. Ова ми е прва шанса да освојам професионална титула и се надевам на успех“, изјави Ѓорѓиев.
Досега против денешниот ривал, Ѓорѓиев има два дуели и половичен ефект. Битката во Зворник е закажана со старт во 20:00 часот.