Англиската фудбалска репрезентација доживеа дебакл на домашен терен во четвртото коло од Лигата А на нациите.
Англија доби „шамар“ од Унгарија во форма на пораз од 4-0 во Вулверхемптон.
На тој начин Унгарците втор меч по ред ја победија Англија, бидејќи претходно беа подобри со 1:0 во Будимпешта, исто така во групата 3 од Лигата А на нациите.
Ова беше најубедливиот пораз на англиската фудбалска репрезентација на домашен терен од 1928 година, кога беа поразени од Шкотска со 5:1.
Избраниците на тренерот Герет Саутгејт со тоа останаа на само два освоени бода од четири натпревари, па се на последното место во групата и им се заканува испаѓање во Лигата Б.
Унгарија е прва со седум бодови, а зад нив се Германија и Италија со шест, односно пет.
Првата одлична можност резултираше со гол во 16. минута, кога Роланд Салаи дојде до топката по големата гужва во шеснаесетникот, а потоа ја испрати низ рацете на Рамздејл и со помош на стативата заврши во мрежата.
По примениот гол Англичаните тргнаа во напад, но не успеаја да ја пробијат брилијантно организираната одбрана на четата на Марко Роси.
А потоа – уште еден шок.
Роланд Салаи ја искористи катастрофалната грешка на Џаред Бовен. Мартин Адам ја украде топката, му ја испрати на Салаи, а тој повторно го матираше Рамздејл – овој пат со шут низ нозе!
Тоа, за жал на Англичаните, не беше се.
Фоден и Кејн пропуштија две одлични можности во следните десет минути, а потоа следуваше казната за новиот „ладен туш“ на „Молиноу“.
Адам ја остави топката на Золта Наџи, а тој се лизна при ударот – и испрати „бомба“ во која Рамздејл можеше само да ја погледне топката.
Работата да биде уште полоша за Англичаните, кратко потоа Џон Стоунс доби втор жолт картон и заврши на рано туширање.
На забавената снимка можеше да се види дека стоперот на Манчестер Сити речиси сигурно случајно го удри противникот и дека не заслужи да „поцрвени“.
Сепак, судијата Клемен Турпан не ја промени својата одлука.
Конечниот удар на Англичаните го зададе Даниел Газдаг во 89. минута од натпреварот.
Тој постигна гол за 4:0 за победа на Унгарија против Англија на гостински терен, по новата скандалозно лоша реакција на одбраната на актуелниот европски вицешампион.
https://www.youtube.com/watch?v=aGC2pWR95c0
Домашните навивачи веќе во голем дел побегнаа од стадионот.
Во вториот натпревар од четвртото коло од групата 3 од Лигата А на Лигата на нации, Германија ја совлада Италија.
Во петтото коло од Лигата на нации, Англија на 23 септември ќе игра против Италија, а истиот ден Унгарија ќе ја пречека Германија.