Според „Л’Екип“, во ПСЖ уште пред две недели дошло барање од Нион за информации околу нивните финансии, комплетната документација, за да ги проверат обвинувањата дека клубот не работи според финансискиот фер-плеј со кој требаше да се воведе ред во фудбалот, но иако веќе по еднаш и Манчестер сити и ПСЖ ги прекршија, се соочија само со финансиски пенали. Сега, наводно после официјалната пријава, се проверува комплетно сѐ, зашто од Шпанија се жалат дека клубот пријавува загуби и долгови, а од друга страна издвојува ненормални суми на пари за еден фудбалер, што не е економски оправдано.
Според францускиот највлијателен спортски весник за очекување е наскоро УЕФА чешлањето на финансиите да го спроведе и во Манчестер сити, зашто и овој клуб е пријавен од Ла Лига за трансферот на Ерлинг Браут Халанд.
Хавиер Тебас, првиот човек на шпанската Ла Лига објави дека ПСЖ и Манчестер сити, како „државни клубови“ го уриваат комплетниот фудбалски систем и создаваат неконкурентност поради тоа што внесуваат пари, кои не се заработени од фудбалот и со тоа ги прекршуваат регулативите на УЕФА.