Онс Џабеур се пласираше во финалето на Вимблдон во женска конкуренција со победата од 2:1 над Татјана Мариа (6:2, 3:6, 6:1).
Така, тенисерката од Тунис стана првата Африканка која некогаш стигнала до финалето во сингл на еден од четирите Грен слем турнири.
Џабеур лесно и убедливо го доби првиот сет, додека во вториот еден брејк разлика беше на страната на Германката, која е 103. тенисерка на планетата.
Самото достигнување до полуфиналето и освојувањето сет беше огромен подвиг за неа, поради што заработи голема наклонетост од домашната публика. Но, таа не можеше повеќе од тоа.
Џабеур во третиот сет беше повеќе од убедлива и со победа од 6:1 доминантно се пласираше во првото финале во кариерата.