Хрватскиот првак Динамо Загреб, противникот на Шкупи во вторник во првиот меч од второто квалификациско коло во ЛШ, ја почна одбраната на шампионската круна во ХНЛ-лигата со многу тешка победа извојувана против градскиот ривал Локомотива и тоа со гол во 91-та минута за комплетен пресврт и триумф со 3-2.
Двајцата македонски репрезентативеци Стефан Ристовски и Аријан Адеми беа стартери на мечот, а Локомотива по 23 минути игра имаше невероијатни два гола предност со головите на Куленовиќ во четвртата и Алију во 23-та минута, но брзо „модрите“ преку своето најголемо засилување во нападот Јосип Дрмиќ се вратија во мечот, откако даде голови во 26-та и 35-та, но дури во финишот шампионот дојде до победата.
Лука Менало погоди во првата минута од судиското надополнување за триумфален старт на „модрите“, по кој сега ќе може да се сконцентрираат на првата пресметка со чаирчани.