Пресудно беше враќањето на Жоан Лапорта на претседателската функција, човек кој во 2003 година во својот прв мандат го донесе Роналдињо во Барса, а сега се обидува да сврти нов лист по очајното раководење на Бартомеу и да ја врати Барселона онаму каде што припаѓа. Барса најчесто носеше слободни играчи без отштета во изминатите 12 месеци, но Лапорта се покажа и како одличен преговарач, успевајќи да ги намали огромните плати на голем дел од играчите. Последен таков случај е Осман Дембеле, кој пред два месеци инсистираше на 18 милиони евра годишна плата, но откако не ја доби од ниту еден од заинтересираните клубови, на крај потпиша двогодишен договор за шест милиони евра по сезона.
Барса во овој преоден рок, издвои 120 милиони евра за Левандовски и за Рафиња, ќе исплати уште околу 50 милиони евра за нов дефанзивец (Кунде од Севилја). И додека останатите клубови се жалат за кршење на финансискиот ферплеј, се чини дека Лапорта најде начин да го застане клубот на здрави нозе и покрај огромните финансиски долгови.
Клучен беш договорот за продажба на процент од вкупните ТВ-права на клубот за наредните 25 години. Лапорта потпиша договор со агенцијата “Sixth Street”, со што во клупската каса стигнаа 230 мил. евра. Потоа, тој продаде уште 15% од вкупните ТВ-права за 310 мил. евра, пари што ги доби веднаш и што му овозможија експресно да ја врати Барса меѓу „факторите“ на фудбалската берза. Новиот претседател најде вистински начин да донесе сериозна сума на пари за огромната криза да биде намалена.
Покрај тоа, Лапорта потпиша и договор со „Спотифај“ како главен спонзор на дресовите, но и за името на стадионот за наредните осум години, договор вреден 435 мил. евра.
Барселона повеќе не е финансиски проблематичен клуб, па сега е на Левандовски, Рафиња, Педри, Ансу Фати и останатите да се фокусираат само на играта и да го вратат каталонскиот гигант на врвот на шпанскиот и европскиот фудбал.