Леванте и најтрофејниот грчки клуб Олимпијакос преговараат за трансфер на македонскиот репрезентативец Енис Барди, објави вчера „Депорте КОПЕ Валенсија“, за трансфер кој треба да чини три милиони евра.
Иако желба на Барди е да игра во некоја од петте најсилни лиги, во моментов најконкретна понуда во клубот има од Пиреа, а шпански „Супердепорте“ објави детали од понудата која и не делува нешто премногу примамлива за македонскиот репрезентативец, за разлика од шпанскиот клуб кој тешко може да се надева на големи пари откако испадна од Ла Лига.
Според понудата, Олимпијакос на Леванте му нуди три милиони евра да плати веднаш за трансферот, а уште 1,5 милиони евра би добил шпанскиот клуб подоцна низ разно-разни бонуси. Барди, пак, има понуда на маса од 700.000 евра годишна плата, што е двојно помала од таа што ја заработуваше во Шпанија, според последните објави за платите кои се појавија низ шпанските медиуми.
Олимпијакос се надева дека ќе го привлече македонскиот репрезентативец со шансата да игра во Европа, иако пирејските црвено-бели се посрамотија во квалификациите за ЛШ и доживеаа невидено понижување после поразот за елиминација од Макаби Хаифа на свој терен со 0-4, па сега европската авантура ја продолжуваат во Лига Европа.
Барди со Леванте има договор до 2024 година, откако шпанскиот клуб во мај автоматски му го продолжи договорот. Тој дојде во Валенсија од Ујпешт во летото 2017 година за 1,5 милиони евра и излезе едно од најефектните трансфери во Ла Лига, зашто со настапите си ја крена цената за десетпати. Но, испаѓањето на Леванте скапо го чини клубот на финансиски план за Барди, зашто посакуваната цена од 10 мил. евра во моментов е невозможно да ја постигнат.