Шпанија ја совлада Италија со 2: 1 синоќа во баражот од Лигата на нации во Милано, со што ја прекина неверојатната серија на азурите од 37 натпревари без пораз.
Гостите поведоа во 17. минута со голот на Феран Торес пред Леонардо Бонучи да добие два жолти картони од 30. до 42. минута. Торес го постигна вториот гол во првото полувреме, со што го реши прашањето за победникот, додека поразот на европските шампиони го ублажи Лоренцо Пелегрини на седум минути пред крајот.
Торес беше првото име на натпреварот, но неверојатниот натпревар го одигра Пабло Мартин Паез Гавира, попознат како Гави, 17-годишниот играч за врска на Барселона, кој практично ја доби битката против еден од најдобрите играчи за врска во светот. Тој го победи својот идол Марко Верати во поголемиот дел од дуелот, а леснотијата со која ја носеше топката и брзината на размислување беа фасцинантни. Брилијантното дете стана најмладиот шпански репрезентативец во историјата, а по своето деби беше пофален од тренерот Луис Енрике.
“Тоа беше одличен прв натпревар за него, сите знаевме колку може. Не е нормално тој да игра добро на 17 -годишна возраст. Има карактер, одлично е граден, го разбира нашиот стил на игра“, рече шпанскиот тренер.
Гави не е комплетен анунимус, тој е играч за кој со месеци се зборуваше во суперлативи и кој доживеа брз подем во последната година. Скаутите на Барса го забележаа кога имаше само 11 години и го донесоа од Академијата Бетис.
На возраст под 15 години, тој се приклучи на тимот до 16 години, а минатото лето веднаш беше префрлен во тимот до 19 години, со што прескокна цела возрасна категорија, што е многу ретко во Ла Масија. Одигра три натпревари за Барселона Б, по што беше вклучен во првиот тим на Барселона, за што дебитираше под водство на Роналд Куман на 29 август против Хетафе.