Англискиот шампион Манчестер Сити е подготвен да го продаде извонредниот Бернардо Силва. Јасно е колку Гвардиола го цени Португалецот, во неколку наврати го нарече најдобар играч на „граѓаните“, но ќе одлучи желбата на Силва да замине на „Камп Ноу“. Офанзивниот играч за врска сака промена, поточно преселба во Барселона која дефинитивно ќе руши рекорди ова лето иако клубот е во финансиски проблеми.

Трансферот на Бернардо се очекува да ја чини Барса околу 60 милиони евра. Но, „граѓаните“ нема да седат со скрстени раце по заминувањето на Португалецот, а веќе е позната следната цел на клубот од „Итихад“. Оваа вест нема да им се допадне ниту на навивачите на Ливерпул. Пеп Гвардиола сака да го донесе Џуд Белингем.

Првотимецот на Борусија Дортмунд, а сепак тинејџер, е голема желба на Сити и на Ливерпул! Продажбата на Бернардо може да го забрза враќањето на деветнаесетгодишникот во Англија, каде ги бранеше боите на Бирмингем. Џуд пред две години замина во Борусија Дортмунд за сума од 25 милиони евра, без воопшто да заигра во Премиер – лигата.

Клоп и Ливерпул го „пикираше“ за следното лето, но Гвардиола и Сити би можеле да бидат побрзи и да го донесат во Манчестер.