Петар Голабоски од Хелсинки,

Реал Мадрид го освои европскиот Суперкуп победувајќи го Ајнтрахт Франкфурт со 2:0 во Хелсинки. Головите за Реал ги постигнаа Алаба и Бензема. Карло Анчелоти на теренот го донесе најдоброто што го има, додека тимот на Ајнтрахт беше без својот најдобар играч Филип Костиќ кој се пресели во Јувентус.

Без разлика, Германците оставија добар впечаток. Камада и Кнауф имаа по една добра шанса и Куртоа мораше добро да се истегне за да ги одбрани нивните удари. На другата страна Винисиус упати удар кој му го овозможи Бензема во 17. минута. Реал беше неубедлив на почетокот на натпреварот, но сепак постигна гол.

Давид Алаба погоди во 37. минута за 1:0. Крос изведе корнер, а играчите на Реал целосно доминираа во воздухот. Бензема прво со глава ја испрати топката на втората статива, Касемиро ја врати на средината, а Алаба непречено ја турна топката во празната мрежа.

Карим Бензема само три минути подоцна можеше да му донесе предност на Реал од 2:0. По една брза акција ја прими топката на средината од десната страна, имаше чист удар кон голот од 15 метри, но силно шутираше покрај голот на Трап.

Во вториот дел Реал имаше серија добри шанси, Касемиро најпрвин ја погоди гредата, а потоа Бензема погоди за 2:0 во 65. минута. Тоа беше едноставен потег на Реал, Винисиус ја измести левата страна на одбраната на Франкфурт и ја врати топката до Бензема кој чекаше на работ од шеснаесетникот. Не беше идеална топка, потскокнуваше, но Французинот одлично ја заафати и Трап немаше шанса да го одбрани тој удар.