Победникот беше решен уште во првата четвртина, која домаќинот ја доби со огромни 29-11. Оваа негатива ја задржавме до крајот на полувремето (27-45), но потоа следуваа 16 поени по ред на домаќинот на стартот на вториот дел, со што го навестија дебаклот на жолто-црвената чета.
Дамјан Робев со 10 поени беше најпрецизен кај македонската селекција, додека Владимир Михајловиќ со 15 поени и Бојан Дубљевиќ и Зоран Николиќ со по 13 поени беа најпрецизни кај Црногорците.
Ова воедно беше и прв меч на Александар Јончевски како селектор, кој сигурно нема да го памети по добро, со напомена дека на оваа средба не можеше да смета на Ненад Димитријевиќ и Кристијан Николов. Македонија претквалификацискиот циклус го отвора против Данска (25 август) на гости, а три дена подоцна ја пречекува Словачка в „Борис Трајковски“.