Кошаркарите на Барселона следејќи ги колегите од фудбалскиот клуб ја освоија шампионската титула во Шпанија, откако и третпат по ред го совладаа Реал Мадрид (93-82) во финалната серија од плејофот.
Каталонците по двата стартни триумфи на домашен терен, овој пат среде шпанската престолнина го совладаа големиот ривал, кој не успеа да направи ново чудо како во четвртфиналето од Евролигата против белградски Партизан. „Кралевите“ тогаш исто така имаа негатива 0-2, но ги добија следните три средби и се пласираа на фајналфор-турнирот во Каунас, каде што дојдоа и до европската круна. Клучна беше последната четвртина, која Барса ја доби со 26-16, доволно за конечен триумф.
Најефикасен кај новиот првак беше Јан Весели со 19 поени, а исто толку реализира и Валтер Таварес кај Реал Мадрид.