Арсенал работата за победата ја заврши за само 11 минути откако почна мечот и тоа со два гола на новиот капитен Мартин Одегард (еден на асистенција на Габриел Жесус), тотално доминирајќи на мечот, па Вилјам Салиба со погодок девет минути во вториот дел само ја потврди убедливата победа.
Лондончани по три кола имаат извонредни девет гола, во просек по три на меч и на ниту еден од трите досегашни мечеви воопшто не трепереа дали ќе ги освојат бодовите. Кристал Палас на стартот беше победен со 2-0, па на Лестер му дадоа четири на „Емирати“ во победата со 4-2, а сега Бормут го почестија со три гола.
За Бормут ова беше втор пораз во три меча, после убедливите 0-4 во минатото коло од првакот Манчестер сити.