Македонската кошаркарска репрезентација со победите над Данска на гости и над Словачка дома успешно го заврши августовскиот циклус од претквалификациите за ЕП 2025, што, секако, носи задоволство од остварениот резултат, но не и од – прикажаната игра.
Двата триумфа се остварени на мускули, а многумина би рекле и на среќа. Првиот во Нествед со тројка од центар во последната секунда, откако противникот водеше во поголемиот дел од средбата и неколку секунди претходно промаши зицер за да нѐ совлада, а вториот во Скопје со добра игра во само седум-осум минути и тоа откако се вративме од негатива од 11 поени.
Најголем проблем во тимот на Александар Јончевски беше – играта под кошевите. Без вистински центар, против Данците најчесто игравме со Андреј Маслинко на позицијата „пет“, Бојан Крстевски играше далеку повеќе против високите Словаци, но ниту тој не спречи противникот премногу често да е во нашиот рекет, . Затоа, Данска и Словачка речиси половина од своите поени ги постигнаа од рекетот и тоа најчесто нивните високи кошаркари, користејќи ја надмоќта во однос на нашите центри.
Многумина ќе речат дека шанса можел да добие и Теодор Симиќ, кој е доминантен со своите 215 сантиметри, но тој се уште неискусен, ниту пак е тип на центар кој сака да се „тепа“ во рекетот, туку е кошаркар кој, како и неговиот татко, повеќе сака да е „надвор“ и да шутне тројка од далечина. Останатото со кое би можел да располага Јончевски е далеку од потребниот квалитет, а дебитантот Димитар Пандев и покрај неискуството и без речиси никаков посебен бекграунд, бил убедливо наш најдобар висок играч на тренинзите.
Сето ова, заедно со честите најави во последно време дека челниците на КФМ сакаат да ангажираат странец на бековските позиции, укажува дека ваквиот нивни потег би бил – ужасно погрешен. На Македонија во моментов не ѝ треба нов Лестер Бо Мекејлеб, колку и да звучи тоа нелогично, туку ѝ треба нов – Ричард Хендрикс. Тоа е Американецот кој настапуваше за македонската селекција во периодот од 2014 до 2018 година, вклучувајќи го и ЕП 2015 и кој беше пример за класичен центар.
Со висок играч од негов калибар, овој состав на Јончевски сигурно би бил барем за 30-40-отсто посилен и би можел да им парира не само на сегашните противници туку и на тие во евентуалните квалификации. И фокусот од барање американски бек, да го пренасочат кон барање наследник на Хендрикс, кој ќе ја има неговата височина, брзина, квалитет, но пред сѐ неговата – кошаркарска интелигенција.