Во првиот натпревар на овогодинешното Европско првенство во кошарка, Шпанија ја совлада Бугарија со резултат 114:87 во Тбилиси.
Новата шпанска репрезентација без голем број играчи кои ја носеа играта во претходните години, добро го стартуваше Европското првенство кое започна денеска. Во првиот меч во Тбилиси, Шпанците лесно ги совладаа Бугарите.
Очекувана победа на Шпанија, офанзивно беа исклучително расположени, за што сведочат 114 поени. Бугарите го имаа расположениот Саша Везенков, но за нешто повеќе и подобар отпор им требаше многу повеќе од тоа.
Шпанија го реши прашањето на победникот веќе во првото полувреме кога ја создаде разликата и се одлепи на високи 57:35 на паузата. Во продолжението на средбата немаше особена неизвесност.
Она што навистина нема да му се допадне на Серхио Скариоло е малку полежерната игра во второто полувреме каде што Шпанија и дозволи на Бугарија дури 52 поени, а самата постигна 57.
Бугарите беа добро загревање за се што следи, следуваат многу потешки тестови во продолжението од првенството.
Во шпанските редови се истакна Лоренцо Браун, Американец за кој беа поделени мислењата околу тоа дали Шпанија да го ангажира. Браун го заврши натпреварот со 17 поени и пет асистенции. Вили Ернангомез додаде 16 поени и шест скока, а Руди Фернандез 14 поени.
Кај Бугарија Саша Везенков имаше 26 поени и 11 скока, а Павлин Иванов додаде 16 поени. Ди Бост беше запрен и Шпанците тука завршија многу добра работа.
Европско првенство, група А, прво коло:
Шпанија – Бугарија 114:87