Доаѓањето на Алонсо во Барселона беше одложено поради две важни причини: продажбата на Челзи и тешката финансиска ситуација во Барселона, која можеше да го регистрира само откако продаде неколку играчи.
Поради тоа, Барселона побара од Алонсо да биде трпелив, а тој тоа го направи. Синоќа конечно потпиша за Барселона и првпат тренираше со новите соиграчи пред денешното дерби со Севиља. Новиот играч на Барселона, со Челзи ги освои англиската, европската и светската титула, како и ФА Купот и Лигата на Европа, е дете на Реал Мадрид.
Мадриѓанецот помина 11 години во Мадрид и забележа еден настап за првиот тим пред да ја напушти татковината во 2010 година, во која дури сега се врати. Сето ова време тој се проби и се прослави во странство, играјќи за Болтон, Фиорентина и Челзи.
Маркос Алонсо е внук и син на познати фудбалери со исто име. Дедото започна како дефанзивец во Расинг и се пресели во Реал, со кој освои пет шпански и европски титули од 1954 до 1962 година.
Таткото играше на крилните позиции, а започна и во Реал, од каде што се пресели во Атлетико, но најзабележителен беше во Барселона, каде што играше од 1982 до 1987 година и освои една шпанска титула. И двајцата беа шпански репрезентативци, а кога третиот Маркос Алонсо дебитираше за националниот тим пред четири години, династијата Алонсо стана прва во историјата на оваа земја со три генерации репрезентативци.