Македонскиот шампион имаше одличен шутерски ден, со оглед што избраниците на тренерот Александар Петровиќ погодија 12 тројки, во што предничеа Војдан Стојановски и Страхиња Миќовиќ со по три. Аеродромци до триумфот дојдоа и покрај тоа што настапија без петмина првотимци и тоа без Мекиќ, Максвел, Јигитоглу и Андоноски поради повреди, како и без Бре Ајви, кој поради семејни проблеми добил дозвола подоцна да ѝ се приклучи на екипата.
Домаќинот почна силно и брзо поведе 9-2, но сино-белите вратија со серија 17-7 за прво водство (19-16). Аеродромци потоа зголемија на плус седум (40-33), за во последниот период да дојдат до највисоките 61-48. Арис не се предаде и врати со серија 15-2 (63-63), но „металците“ не испаничија, туку искусно ги реализираа следните два напади, за со тројката на Војдан Стојановски да стават крај на прашањето околу победникот.
Токму Војдан со 16 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, а двоцифрен ефект имаа и Миќовиќ со 15 и Д. Стојановски со 11 поени. Дамјан Робев заврши со девет поени, Андреј Магдевски реализира седум, Мајк Кафи и Бојан Крстевски по пет, а во листата стрелци се впиша и Димитар Пандев со два поени.
Следен противник на првакот треба да биде српскиот Здравје Лесковац, меч закажан за следниот викенд во Скопје.