Карлос Алкараз настапи фантастично на овогодинешното издание на УС Опен и ја понесе титулата победник. Не само што ја освои својата прва Грен слем титула, туку се искачи и на првото место на АТП ранг листата.
Со последната победа против Каспер Руд, Карлос Алкараз стана најмладиот број еден во историјата и започна нова ера на светскиот тенис.
“Уживам во овој момент со трофејот во моите раце. Секако дека сакам повеќе, сакам да бидам на врвот уште долго. Ќе продолжам да работам напорно и да се борам за уште вакви трофеи”, изјави Алкараз по освојување на УС Опен.
Неговата кариера практично допрва започнува и има долг пат пред него.
“Имам само 19 години, но имам одличен тим околу мене и тука се родителите кои ги носат сите важни одлуки. Се разбира, јас сум само на почетокот и мојата кариера штотуку започна”.
За сето ова голема заслуга има и тренерот на Алкараз, познатиот шпански тенисер Хуан Карлос Фереро.
„Мојата цел е да го доведам до највисокото тениско ниво. Секако, мислам дека ќе биде многу тешко да се повтори тоа што го направија Федерер, Ѓоковиќ и Надал, зборуваме за 22 Грен слем титули, а Карлос има само една. Нему му претстои долг пат, но кој знае. Мислам дека ги има сите предуслови да стане еден од најдобрите, се што можеме да направиме е да се обидеме да бидеме што е можно подобри“.
Алкараз сега ќе се соочи со новитетот како е да се игра како светски рекет број еден.
Играчите ќе бидат особено мотивирани против него сега, тој сега е светски рекет број еден. Тој ќе мора да биде подготвен за тоа“.