Репрезентацијата на Шпанија славеше со минимални 1-0 на гостувањето кај Португалија и се пласираше во завршницата на Лигата на нации.

Алваро Мората беше херој на „црвената фурија“ во 88.минута по асистенција на нововлезениот Нико Вилијамс. На Португалците им беше доволно реми вечерва во Брага за да задржат првото место, но тактизирањето им се удри од глава во финишот.

Шпанија со 11 бодови финишира прва во групата 2 и ќе игра на завршниот турнир во Лигата на нации следниот јуни, каде претходно се пласираа и Хрватска, Италија и Холандија.

Во оваа група, Швајцарија со 2-1 беше подобра од Чешка, која во следното издание ќе игра ранг подолу односно во Лигата Б.