Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски продолжи со одлични игри во дресот на Абердин и по репрезентативната пауза. Тој беше двоен стрелец за својот тим во триумфот (4-1) против Килмарнок, а можеби ќе стигнеше и до хет-трик доколку не беше повлечен по еден час игра.
Миовски не крие, сака да биде најдобар стрелец во првенството на Шкотска. Досега постигна седум гола, еден помалку од Хрватот Антонио Чолак од Глазгов Ренџерс, а седум има и Кијого Фурухаши, Јапонецот од Селтик.
„Моја цел е да бидам најдобар стрелец во Шкотска, тоа е сон на секој напаѓач кога ќе дојде во една ваква силна лига. Го избрав Абердин токму поради офанзивниот стил на фудбал што се негува, мислам дека добро се вклопив и ќе се трудам да бидам ефикасен. Имам одлична соработка со соиграчите, а уживам и во односот со навивачите, тие се моја огромна мотивација за да дадам сѐ на теренот. Постигнав седум гола, задоволен сум и се надевам дека вака ќе продолжам“, изјави Миовски по уште една одлична партија за Абердин.