Лидерот Вардар го задржа врвот на табелата во Втората фудбалска лига откако во „Автокоманда“ ја совлада Беса со 1-0. Бенјамин Демир со удар со глава по корнер од левата страна ја погоди мрежата на гостите во 68.минута.
Гостивар со седумка против Тетекс, на кого очигледно не му помага ниту еден тренер, откако Љупчо Димовски сега го презеде кормилото на тетовчани. Каланоски постигна хет -трик, Велинов стрелаше со „ножички“, а погодија и Танушев, Крстевски и Демири.
Пелистер оствари сигурна победа (3-0) против Слога Виница. Драгарски го отвори резултатот, Наумоски беше стрелец на вториот гол, а во завршницата Љамчевски постигна гол со пета.
Воска Спорт беше убедлива кај Беласица и славеше со 1-3, а Охрид го доби „езерското дерби“ против Караорман со 1-0. Детонит Плачковица исто така со 1-0 го победи Борец, додека без погодоци одиграа Арсими и Локомотива.