Троа скоро еден час го мачеше првакот Пари Сен Жермен, но не успеа и по две водства да се избори за барем бод, зашто немаше решение како да го запре брилијантниот Лионел Меси кој со извонреден гол и асистенција донесе пресврт и нова победа за „светците“ во Лига 1 (4-3).
После два гола со две асистенции во ЛШ против Макаби Хаифа (7-2), аргентинскиот велемајстор за седум минути го сврте мечот од негатива од 1-2, во предност од 3-2, откако даде голчиште од 25 метри во 55-та, а потоа со супер-асистенција му овозможи на Нејмар да погоди за прво водство, кое потоа парижаните не го прокоцкаа. Килијан Мбапе од пенал во 76-та само ја запечати победата.
Мама Балде на двапати ја носеше Троа до водство, прво во третата минута, па во седмата од почетокот на вториот дел, а Карлос Солер го даде првиот гол во 24-та и потоа го изнуди пеналот за голот на Мбапе. Анте Палаверса во 88-та погоди третпат за Троа, но се беше залудно кога веќе беше сè јасно.
За ПСЖ ова беше 11-та победа во 13-от меч и со 35 бода повторно е на плус пет пред најблискиот ривал Ланс. Троа со шестиот пораз остана на 13 бода на 11-та позиција.