Младиот Николо Фаџоли, резервисот на Јувентус со голчиште ѝ донесе важна победа на „старата дама“, трета во низа кога најтрофејниот клуб е десеткуван поради бројни повреди, па со минималец со 1-0 на „Виа дел Маре“ против Лече, торинскиот гигант остана во трката за место во Лигата на шампионите.

Фаџоли влезе во игра на стартот на вториот дел на местото на Вестон Мекени, па неговиот супер гол во 73-та минута беше пресуден во мечот на кој Јувентус не одигра кој знае што, а две минути пред крајот и дирекот им беше сојузник за да дојдат до трите бода после шутот на Хјумланд.

Со шестата победа сезонава, Јувентус има 22 бода и е шестопласиран, четири зад вториот Милан кој има меч помалку, додека Лече го доживеа шестиот пораз трет во серијата од пет меча без триумф и со осум бода е прв над зоната за испаѓање.