Арсенал предводен од стратегот Микел Артета денеска ја запиша 10. победа сезонава во англиската Премиерлига, откако беше подобар од Нотингем Форест со 5-0 на домашен терен и така се врати на врвот во домашниот шампионат.
Нотингем во минатото коло го шокира Ливерпул (1-0) и се надеваше на нова сензација, но уште во петтата минута стана јасно дека тешко ќе освојат бодови против Арсенал бидејќи Габриел Мартинели со глава го матира голманот на гостите за водство од 1-0.
Арсенал го реши прашањето за мечот на стартот на второто полувреме, кога најпрво Нелсон ја затресе мрежата на Дин Хендерсон за 2-0, а три минути подоцна истиот фудбалер погоди и за 3-0 по асистенција на Габриел Жесус.
Екипата на Артета не запре со нападите кон голот на Хендерсон, а Томас Парти со фантастичен удар погоди за предност од 4-0 на „топчиите“, додека победата ја запечати Мартин Одегард во 78. минута.
„Топчиите“ го презедоа врвот на табелата и имаат 31 бод, односно два повеќе од Манчестер сити по 12 одиграни натпревари. По нив следи Тотенхем со 26 бода, па Њукасл со 24 и Челзи со 21 во топ-5.