Мајкл Олисе со гол во 91-та минута го спречи Манчестер јунајтед да стигне до триумф против Кристал Палас во заостанат меч од седмото коло. Со ремито најтрофејниот клуб не успеа да избие на второ место на табелата во Премиер лига.

Јунајтед две минути пред полувремето дојде до предност, со голот на Бруно Фернандеш по асистенција на Кристијан Ериксен и беше на пат кон петти триумф во низа, но Олисе со прекрасен гол од слободен удар погоди во мрежата и ја прекина победничката серија на „црвените ѓаволи“. Тие сега само бодовно се израмнија со градскиот ривал Манчестер сити на самиот врв.

Имаат по 39 бода, но сега „граѓаните“ се со меч помалку, осум зад лидерот Арсенал.

За Кристал палас ова беше петто сезонско реми и со 23 бода е 12-ти на табелата.