Вечерва ќе се одиграат последните натпревари во групната фаза од ЛШ. По нив ќе станат јасни сите учесници во осминафиналето, но и кои екипи ќе продолжат во елиминациите од Лига Европа.
Програмата вечерва ќе започне со натпреварите од групата Ф. Реал Мадрид го пречекува аутсајдерот Селтик и посакува победа, што на тимот ќе му го гарантира првото место во групата.
„Кралскиот клуб“ викендов разочара со ремито на домашен терен против Џирона во Ла Лига и тоа ќе биде дополнителна мотивација за момците на Карло Анчелоти. Селтик нема шанси ниту за третата позиција во групата и може само да ги расипе пресметките на шпанскиот гигант.
Поважен е натпреварот помеѓу Шахтјор Доњецк и Лајпциг. Германскиот тим има предност од три бода, но судбината за второто место не е решена. На Украинците им е потребна задолжителна победа, а Лајпциг ќе ја постигне целта и со реми или пораз помалку од три гола разлика.
Во групата Е јасно е дека Челси оди понатаму. „Сините“ од Лондон го пречекуваат Динамо Загреб и доколку победат ќе завршат на првото место. Динамо нема шанси за осминафиналето во ЛШ, но, сепак може да се бори за третата позиција. За оваа цел Хрватите мора да победат на „Стемфорд Бриџ“ и да се надеваат дека Салцбург ќе загуби од Милан.
За Милан беше многу важно што го победи Динамо на „Максимир“ и сега зависи од себе.
„Росонерите“ ќе бидат втори во групата со победа или реми на домашен терен против Салцбург. За Австријците единствена опција за продолжување во нокаут фазата е доколку ги земат трите бода. Евентуалното реми би значело трето место и учество во Лига Европа.
Групата Г е таа во која се е јасно. Тимовите се распоредени преку три бода и ниту еден не може да ја смени позицијата. Манчестер Сити се зацврсти на првото место со ремито без голови во Дортмунд, а денеска ќе ја пречека Севилја. Андалузијците ќе завршат трети, што и да се случи на „Итихад“.
ФК Копенхаген на „Паркен“ против Борусија Дортмунд има желба да постигне барем еден гол во групната фаза, бидејќи досега гол-разликата на тимот е 0:11. Данците имаат два бода, кои се недоволни за да имаат шанси за настап во европските натпреварувања и напролет. Гостите од Германија се мирни за второто место.
Во групата Х големото прашање беше дали Јувентус ќе остане во борба за второто место до последното коло, но одговорот дојде со поразот на „бјанконерите“ од Бенфика во Лисабон. Сега избраниците на Масимилијано Алегри мора да се борат за третата позиција и учество во Лига Европа. Задачата не е лесна, бидејќи во Торино пристигнува Пари Сен Жермен кој се бори со Бенфика за првото место во конечниот поредок.
Португалскиот гигант е израмнет бодовно со ПСЖ, но Бенфика има полоша гол – разлика. Тоа значи дека за да ја освојат групата треба да остварат подобар резултат на гостувањето кај Макаби Хаифа отколку што тоа ќе го направи ПСЖ против Јувентус.