Проблемите со повредени играчи не одминаа ниту една репрезентација учесничка на Светскто првенство, со таа разлика што некои минуваат потешко, некои полесно. Едни од најпогодените се Јужна Кореја и Сенегал, затоа што се наоѓаат во иста ситуација.
Веќе се пишуваше за повредата на Садио Мане и неизвесноста за неговиот настап на Мундијалот, а состојбата во таборот на Јужна Кореја не е различна кога е во прашање нејзината ѕвезда и лидер – Хеунг-Мин Сон.
И тој, како Мане, вклучен е во репрезентативната експедиција која ќе патува во Доха, но неизвесен е дали ќе настапи. Сон доби повреда на мечот против Олимпик Марсеј, во последното коло од Лигата на шампионите. Имаше удар во лицето, поради што скршена му беше орбиталната коска, по што му беше извршен и хируршки зафат. Различни беа прогнозите за неговото опоравување, во зависност од локацијата и степенот на фрактурата, па затоа не се знае дали ќе може да игра.
Ако има некоја предност Сон, во однос на Мане, тоа е што има три дена повеќе за опоравување. Првиот меч на Јужна Кореја е на 24 ноември, против Уругвај, а дуелите со Гана, односно со Португалија се на 28 ноември и на 2 декември.
Покрај Сон, во таборот на Кореја познат е и дефанзивецот на Наполи, Ким и играчот за врска на Вулверхемтпон, Хванг, а имаат уште неколку интернационалци од Бундеслигата, од Олимпијакос и од Мајорка.