Жоел Ембид одигра монструозна партија, еруптираше во полна сила, синоќа во победата на Филаделфија против лидерот од Западната конференција во НБА, Јута со 105-98.

Камерунскиот центар постави рекорд на кариерата со 59 поени, што претставува петти најдобар личен ефект во историјата на Филаделфија. Повеќе од него имаат само Ален Ајверсон (60) и Вилт Чембрлен во три наврата (68, 65 и 62). Меѓутоа, не се само 59-те поени што ја прават специјална вечерта на центарот висок 213 сантиметри. На нив тој додаде и 11 скока, осум асистенции и седум блокади, што го стави на тенка линија до кватрипл-дабл – уште две додавања и три блокади – остварување со кое можат да се пофалат само четворица во историјата на најквалитетната лига.

Згора на тоа, ова негово издание доаѓа 24 часа откако постигна 42 поена во триумфот над Атланта, што ќе рече постигнал 101 поен во рок од едно деноноќие.

 

Да не беше Ембид, утрово ќе се зборуваше за Дариус Гарланд, бекот на Кливленд, кој тргна сам да го стигнува заостатокот од 24 поени на неговиот тим, во мечот со Минесота и не успеа. Кавалирс загубија со 124-129 на домашен терен, но Гарланд попатно стигна до личен рекорд од 51 поен. Во нив вгради рекордни 10 тројки, а додаде уште шест асистенции.

„Не знаев дека сум постигнал 50 поени, се додека не дојдов на клупата. Никој не ми кажа, а јас не обрнував внимание на ништо друго освен на тоа да го добиеме натпреварот. Тоа е убавината на овој тим, никој не гледа за лични достигнувања“, рече Гарланд.

Му недостигаа шест поени да го изедначи тимскиот рекорд на Кливленд, по 57 поени имаат и Леброн Џејмс и Кајри Ирвинг.

НБА РЕЗУЛТАТИ:

ЛА Лејкерс – Бруклин 116-103

Сакраменто – Голден стејт 122-115

Чикаго – Денвер 103-126

Вашингтон – Мемфис 102-92

Кливленд – Минесота 124-129

Филаделфија – Јута 105-98