Драган Стојковиќ Пикси успеа, покрај победата, да оствари и друга цел, да не ги преоптовари фудбалерите и да заштеди дел од силите. Мечот го почна со само еден шпиц, Лука Јовиќ, Душан Влаховиќ остана на клупа, а не беше во составот Александар Митровиќ, кој уште е ровит поради повреда.
Мечот го отвори Душан Тадиќ со прекрасен гол од слободен удар уште во седмата минута, но Бахреинците изедначија веќе во 15-тата од пенал. Овој резултат остана до паузата, но во второто полувреме, со направените корекции од клупата, Србија стана поопасна. Тадиќ го постигна својот втор гол во 51. минута, само една откако Влаховиќ погоди за 2-1.
До крајот Ѓуричиќ и Јовиќ ја направија победата поубедлива, со голови во 87. и 89. минута. По оваа контрола, Србија ќе се упати кон Доха, за да се аклиматизира пред првиот натпревар на СП, против Бразил, на 24 ноември. На 28 игра со Камерун, а на 3 декември ќе се пресмета со Швајцарија.
Белгија немаше добра увертира за Светското првенство во Катар. Белгијанците го загубија пријателскиот натпревар против Египет со 1-2.
Мостафа Мохамед и Трезеге беа стрелци за Египќаните, а Лоис Опенда погоди за Белгија.