Србија не успеа да направи изненадување и го отвори Мундијалот со пораз од Бразил (2-0). Ричарлисон беше човек на одлука и со два гола во мрежата на извонредниот Вања Милинковиќ-Савиќ донесе први бодови на контото на кариоките.
Почетокот донесе агресивна игра на српскиот тим. По само неколку минути и два брзи фаули Страхиња Павловиќ заработи јавна опомена. Бразилците за нијанса имаа повеќе посед на топка, но и српските фудбалери преку брзи транзиции беа закана за одбраната на противникот.
Рафиња го тестираше Вања Милинковиќ-Савиќ, со еден удар по средината од голот. Една голема грешка на Никола Миленковиќ му овозможи добра шанса на Винициус Жуниор, кој сепак не успеа да казни, во последната прилика пред паузата.
Работите можеа да се влошат за Србија, ако Рафиња беше прецизен во воведните моменти од продолжението. Немања Гудељ направи груба грешка, која бразилскиот ас не ја искористи. Нејмар биеше во „живиот ѕид“ од изгледна позиција. Најдобриот бразилски играч шутираше и со лева од казнениот простор, неколку минути подоцна, но повторно беше непрецизен.
Најблиску до отворање на резултатот беше Алекс Сандро. Левиот бек биеше силно од далечина и ја погоди стативата од српскиот гол. Тоа сепак го направи Ричарлисон неколку минути подоцна, кога искористи една одбиена топка, по удар на Винициус, и ја затресе небранетата мрежа на Србија. Ричарлисон беше човекот на одлука, кој го постигна и вториот гол за Бразилците. Овојпат на атрактивен начин го пронајде патот до целта со велемајсторски гол и го постави конечниот резултат.
Во финишот се закани и Касемиро , со шут од шеснаесетникот ја затресе пречката.
Во следното коло Бразил ќе се соочи со Швајцарија, а Србија ќе се надигрува со репрезентацијата на Камерун.