Македонските фудбалски репрезентативци продолжуваат со подготовките во Анталија, каде што вчера одиграа нерешено во пријателскиот меч против Молдавија (1-1), а задутре ќе ја одиграат и втората контрола против Црна Гора (15.30 часот).
Македонија голот го прими во финишот, а фудбалерот на унгарски Фехервар, Никола Серафимов, смета дека ваков пад на концентрацијата не смее да ни се случува на средбите од Лигата на нации, која почнува во септември.
„Знаевме дека Молдавија не е наивен противник, беше тешко да се пробие нивниот бедем. Голот го постигнавме на време, добро го отворивме и второто полувреме, но кога нема да се искористат шансите, примивме – еврогол. Мора да го кренеме нивото на игра во некои сегменти, посебно во концентрацијата и на фокусот во текот на сите 90 минути. Но, ни се повторува пад на концентрацијата на последните неколку натпревари и токму во тие моменти примаме голови кои нѐ чинеа бодови“, изјави Серафимов.
Тој смета дека заадутрешниот ривал е далеку поквалитетен од вчерашниот.
„Црна Гора е доста подобар противник и не очекува далеку тежок натпревар. Имаме уште два дена да се подготвиме, ќе направиме анализа, ќе направиме тактика и одиме на победа в понеделник“, дополни фудбалерот на Фехервар.