Дарко Илиески со голот во 69-та минута на стружани им го обезбеди првото место пред зимската пауза после ова претпоследно есенско коло, па идниот викенд ќе биде познато со колкава зимница ќе одат стружани на две ипол месечна пауза, зашто Шкупи со 3-1 славеше во Кичево против Брегалница, а со ист резултат Шкендија и полесно од очекувањата ги скроти „лавовите“ во Ѓорче Петров.

Себастијан Херера на средина од првиот дел само ги налути чаирчани, па Фреди Алварез до полувремето израмни, за во вториот дел со два гола актуелниот првак Шкупи да дојде до нов триумф,  и остана на минус пет во однос на лидерот, но со меч помалку.

Кристијан Трапановски седум минути по стартот на вториот дел и Пепи Ѓорѓиев седум пред крајот на мечот дадоа два гола за „гулабите“ за победата со која останаа близу лидерот Струга.

Љупче Дориев со два гола ја водеше Шкендија до победата во Ѓорче Петров во меч на кој „лавовите“ се обидоа да ги сопнат тетовци, но немаа сила да се одбранат, па да не беше и голманот Христијан Стевковски, кој одбрани неколкупати, а и еднаш имаше среќа со дирекот по ударот на Дашмир Елези, можеше и поубедливо да загуби.

Дориев го отвори мечот по 19 минути, Ферхан Хасани во вториот дел ја дуплираше предноста, но по само 120 секунди Емир Скендери ја врати Македонија ЃП во мечот, но немаа сила „лавовите“ за да се вратат во егал, па Дориев со втор гол седум минути пред крајот само ја запечати победата.

После четири меча без победа, Силекс го доби дербито во Кавадарци против Тиквеш со 2-0 со головите на Обадовиќ и Ристовски во последните 20 минути од мечот и се врати на четврто место на табелата во директниот дуел на изненадувањата на сезоната, додека дербито на дното во Прилеп помеѓу Победа и фенерџијата Скопје заврши без голови, па „пиратите“ останаа на последното место пред последното есенско коло.

Слободен во ова коло беше Работнички.

ПРВА ЛИГА, 17-ТО КОЛО 

Македонија ЃП – Шкендија 1-3 (0-1)

Скендери 53 – Дориев 19, 84 Хасани 51

Победа – Скопје 0-0

Шкупи – Брегалница 3-1 (1-1)

Херера 22 – Алварез 36, Трапановски 52, Георгиев 83

Струга Трим Лум – Академија Пандев 1-0 (0-0)

Илиески 69

Тиквеш – Силекс 0-2 (0-0)

Обадовиќ 72, Ристовски 81

Слободен е Работнички

ТАБЕЛА: Струга ТЛ 36 (16), Шкупи 31 (15), Шкендија 28 (16), Силекс 26 (16), Тиквеш 23 (16), Брегалница 20 (15), Работнички 18 (15), Македонија ЃП 17 (15), А. Пандев 12 (16), Победа 12 (15), Скопје 10 (15).
* во заграда се бројот на одиграни мечеви