Селекторот на репрезентацијата на Мароко, Валид Реграги, го нарече својот тим „Рoки на Светското првенство“ откако исфрлија уште еден од фаворитите за титулата светски шампион, тимот на Португалија. Мароканците победија со 1-0 благодарение на голот на Јусеф Ен-Несири.
Реграги смета дека неговите играчи, кои важат за аутсајдери, го покажале духот на Роки Балбоа – ликот на Силвестер Сталоне од филмот за славниот боксер и тргнале да го „освојат светот“.
„Ги победивме Шпанија, Португалија, Белгија без примен гол. Но, тоа не е чудо, тоа е резултат на напорна работа. Го направивме нашиот народ среќен и горд, нашиот континент среќен и горд“, страстно продолжи Реграги.
„Кога го гледате филмот за Роки, сакате да навивате за Роки поради неговото срце и посветеност, и мислам дека ние сме Роки на овој Мундијал. Кога сте мал тим, треба да сонувате, мора да верувате. Мислам дека тоа е голема, голема порака за светот. Мислам дека сега целиот свет е со Мароко“, додаде 47-годишниот стратег.
Мароко во полуфиналето ќе го предизвика светскиот шампион Франција.