Хрватскиот стопер Јошко Гвардиол е дефанзивец број еден на Светското првенство во Катар, па ако гигантите и пред Мундијалот се тепаа за него и се најавуваше сто милионски трансфер, Хрватот моментно покажува и зошто толку пари вреди. А, најсреќен освен Лајпциг е – Динамо Загреб.
Новинарот Санти Она од „Футмеркато“, кој е еден од новинарите кој е добро информиран за трансфер-пазарот објави дека три премиерлигаши веќе доставиле понуди за Гвардиол и тоа помеѓи 90 и 100 милиони евра.
Челси беше најзагреан за Гвардиол уште пред СП и сега официјално понудил 90 милиони евра, Манчестер јунајтед понудил 95 милиони евра, а Манчестер сити на Пеп Гвардиола дури 100 милиони евра, што не е неочекувано поради тоа што арапските шеици од Абу Даби стојат зад англискиот првак.
Наводно и Баерн Минхен испратил писмо за заинтересираност, но без конкретна сума која ја нудат, ама Гвардиол сака да игра во Премиерлигата. Ако се реализира трансферот, а можен е веќе зимава, иако најизгледно е на лето, Хрватот ќе стане најскапиот светски дефанзивен фудбалер и ќе го надмине досегашниот рекорд на англискиот репрезентативец Хери Мегваер кој за безмалку 90 милиони евра дојде во Манчестер јунајтед од Лестер.
Гвардиол во Лајпциг замина за 18,8 милиони евра, но Динамо Загреб трие раце зашто му следуваат уште 20 отсто од следниот трансфер, па ако го купи Челси, „модрите“ би добиле 14,24 милиони, ако замине во Јунајтед – 15,24 милиони, а ако оди во Сити – 16,24 милиони евра. Ова зашто процентот се пресметува на вкупната отштета минус парите што Лајпциг ги дал за трансферот. Што значи Динамо би поставил нов клупски рекорд со максимални 35 милиони евра заработка од стоперот.