По елиминацијата во четвртфиналето на Светското првенство во Катар, португалските медиуми повеќе се интересираат за наводниот конфликт меѓу првата ѕвезда Кристијано Роналдо и селекторот Фернандо Сантош, кој во нокаут-фазата го седна на клупата за резервни играчи.
Еден ден по поразот од Мароко и елиминацијата на Португалија, се огласи Роналдо со цел да стави крај на сите шпекулации.
„Триумфот на Светското првенство со Португалија беше мојот најголем и најамбициозен сон во кариерата. За среќа, освоив многу титули на меѓународна сцена, вклучително и со репрезентацијата, но да го ставам името на нашата земја на највисоката точка во светот беше мојот најголем сон. Напорно се борев за мојот сон. Бев стрелец на пет натпревари на Светските првенства во овие 16 години, секогаш со одлични соиграчи и со поддршка од милиони Португалци, и секогаш давав сè од себе. Сè што имав оставив на теренот.
Никогаш не откажав од борбата во репрезентативниот дрес. За жал, сонот заврши вчера. Немаше никаква корист да се реагира во афект. Само сакам сите да знаете дека многу е кажано, многу е пишувано, имало многу шпекулации, но мојата посветеност кон Португалија не се промени ниту во еден момент. Отсекогаш сум бил тој што се бори за остварување на сонот и никогаш не би им го свртел грбот на соиграчите и на мојата земја. Сега немам што многу да кажам. Ти благодарам, Португалија. Му благодарам и на Катар. Сонот беше убав додека траеше. Сега, се надевам дека времето ќе биде добар советник и ќе дозволи секој сам да си донесе заклучоци“, напиша Роналдо на социјалните мрежи.