Фудбалските свет денеска тагува по Синиша Михајловиќ, легендарниот фудбалер и тренер, кој денеска ја загуби битката со леукемијата и почина на 53-годишна возраст.
Роден во Вуковар од татко возач на камион и мајка работничка во фабрика за гуми и облека, неговата смрт ги потресе не само неговите најблиски и пријатели, туку и сите спортски вљубеници, кои изминативе неколку децении прво се воодушевуваа на неговата брилијантност на теренот, а потоа уживаа во неговите тактички надмудрувања на клупата. Михајловиќ ќе остане запаметен како „Крал на слободните удари“, мајстор каков што ретко се раѓа и кој се уште го држи рекордот во Серија А со 28 постигнати голови со шут од прекин.
Погледнетего видеото со 66 голови од прекин на “кралот на слободните удари”-велемајсторот Синиша Михајловиќ, и уживајте!
Кариерата ја почна во Војводина (1988 година), а две години подоцна се пресели во Црвена Звезда за еден милион марки, трансфер што тогаш беше рекорд во југословенскиот фудбал. За црвено-белите одигра 38 меча, постигнувајќи девет гола и дојде до титулата европски и интерконтинентален шампион. По две години се пресели во Рома, по што следат трансфери во Сампдорија, Лацио, каде што играше најмногу и најдобро и на крајот во Интер, каде што ја заврши играчката кариера. Во колекцијата трофеи има пет првенствени титули, еден пехар од Купот на Европските шампиони, еден од Купот на Победниците на Куповите, четири од Купот на Италија, еден од Интерконтиненталниот куп, еден Суперкуп на Европа и три Суперкупови на Италија.
Тренерската кариера ја мина во Италија, каде ги водеше екипите на Интер, Катанија, Фиорентина, Сампдорија, Милан, Торино и Болоња, од каде доби отказ пред само неколку месеци. Кус период беше и селектор на репрезентацијата на Србија, а во 2018 година имаше и кратка авантура на клупата на Спортинг Лисабон.