Актуелниот турски првак Трабзонспор утре од 17 часот го пречекува актуелниот лидер во турската Суперлига, Фенербахче во големото дерби во кое Енис Барди ќе настапи, а најверојатно ќе го нема Езџјан Алиоски во спротивниот табор поради повредата на слабините.
Барди и Алиоски летово дојдоа во два од четирите најголеми турски клубови, а Барди сега за медиумите во оваа земја посочи дека од прв ден откако е дојден во Трабзон сите зборуваат само за – дербито со Фенер.
„За мечевите со Фенербахче ми зборуваат од прв ден откако сум тука и можам само да претпоставам каква сè ќе биде атмосферата и сега ќе имам шанса да ја доживеам и да ја почувствувам. Можам само да замислам што ќе биде“, вели Барди.
Трабзон го брани тронот, но немаше предобра есенска полуетапа со само шест победи и пет ремија во 13-те меча, па со 23-те бода на контото е дури седми, шест зад лидерот Фенербахче, но сега со шанса ако победи да дојде на само три.
Од декември 2016, или полни шест години, Фенербахче успеал да победи во Трабзон само еднаш и тоа во март лани со 1-0.
„Прво да го добиеме мечот, зашто ако го сториме тоа, тогаш ќе знаеме колку сме близу до врвот и колку ќе ги израдуваме нашите навивачи. Ние се подготвуваме на тој начин дека ќе победиме“, додаде Барди.