После чудото во Дуизбург кога падна моќната Германија (2-1) во мундијалските квалификации (31 март 2021), Македонија направи ново чудо, во продолжение на тој мундијалски циклус, па во полуфиналниот бараж ја урна Италија, актуелниот европски првак.

Македонија со истиот тим, само со сменет кормилар (Благоја Милевски на место Игор Ангеловски) покажа дека е „џелат на великаните“, па за една година на колена ги клекна најтрофејните европски селекции (Германците и Италијанците имаат по четири светски круни). Но, тоа што е најболно за „аѕурите“ е што за разлика од нив, Германија играше на СП во Катар, каде не се прослави, ама тие и второ СП по ред го пропуштија.

И тоа осум месеци откако на Еуро 2020 на кое дебитираше Македонија стигнаа до европскиот трон. Во Палермо им пресуди екс-фудбалерот на Палермо, Александар Трајковски во 93-та минута, кога сите веќе ги чекаа продолженијата.

 

Италија имаше преку 40 удари кон нашиот гол, ама за 90 и кусур минути не ни даде гол, а црвено-жолтите од два обиди, еднаш погодија за да ги расплачат Италијанците. И по осум месеци сè уште не можат да се помират со поразот, па најголемиот дел од ѕвездите на „аѕурите“ од мака не го ни гледаа Мундијалот. Трајковски пред полувремето од безмалку иста позиција млако шутираше кон Џиџи Донарума, ама затоа во 90+3-та минута со последните сили после спуштената топка од Бојан Миовски неодбранливо погоди од преку 20 метри.

Доволно за Скопје и Македонија да ја превртат од радост и да живее сонот за историски настап на СП. Само што пет дена потоа, Португалија не ни дозволи нова историја и во Порто нè победи со 2-0 со двата гола на Бруно Фернандеш.

Македонија е прва селекција која по 28 години го освоила Палермо кога Италија била домаќин, безмалку слично откако година претходно Германија првпат загуби мундијалски квалификациски меч по две децении пауза, а само третпат во историја.