Остануваат уште неколку часа до отварањето на Светското првенство во ракомет за мажи, а шампионатот ќе се отвори со дерби помеѓу ко-домаќинот Полска и Франција.
Македонија првиот натпревар го игра во петок во 20:30 часот против Норвешка. Како и досега Македонските ракометари ќе имаат голема поддршка од фалангата.
Мирослав Попоски кој е координатор на навивачките групи од Македонија и Македонската дијаспора најавува значителна бројка на поддржувачи на македонската ракометна репрезентација.
“До овој момент потврдено е дека организирано од Македонија треба да тргнат 9 автобуси со навивачи, а се очекуваат и два автобуси од Виена кои треба да пристигнат во Краков. Дополнително очекуваме поголем број на љубители на ракометот да пристигнат самоорганизирано со сопствен превоз со што бројката би била од 600 до 800. Фалангата како и досега ќе биде осмиот играч и ветуваме спектакл на трибините” – изјави Попоски.
Репрезентацијата на Македонија на претстојното СП е дел од групата Ф заедно со репрезетнациите на Холандија, Норвешка и Аргентина.
Ова ќе биде 28. по ред светско првенство организирано кое ќе се одржи во Шведска и Полска од 11 до 29 јануари 2023.