Холандскиот репрезентативец Мемфис Депај во зимскиот преоден рок од Барселона ќе замине во Атлетико Мадрид, и тоа за ситни пари.
Оваа вест ја потврдија двајца новинари, Тони Хуанмарти и Фабрицио Романо, кои на социјалните мрежи напишаа дека Атлетико ќе плати само три милиони евра отштета.
Холанѓанецот е во последната година од договорот, на лето би заминал без обештетување, поради што Барселона ја прифатила понудата на Атлетико за малку пари, колку да не е за бадијала.
Процесот го забрзал самиот фудбалер, кој деновиве одби да се пресели во Интер во замена за Марсело Брозовиќ, а згора на тоа го прескокна и денешниот тренинг, по кој требало да има разговор со тренерот Чави Ернандез.
По овој потег, Чави и управата дефинитивно го отпишаа Депај и експресно ја прифатија понудата на Атлетико, кој од претходно ги имаше договорено сите услови со Холанѓанецот.
Депај треба да потпише договор со Атлетико Мадрид до јуни 2025 година.
Ова не е првпат, Атлетико да ја изработи Барселона и да и украде за бадијала нејзини играчи, и тоа гогетери. Јорганџиите за 120 милиони евра ѝ го продадоа Гризман на Барселона, а по неколку години подоцна потоа го вратија назад само за 30-тина милиони. Луис Суарес, кој беше прекуброен во Барселона, потпиша договор со Атлетико и во првата сезона ја освои титулата во Ла Лига.